19.2.13

Ема Голдман: Затворот – социјален злостор и социјален неуспех


 Во 1849 Фјодор Достоевски ја напишал на ѕидот од затворската ќелија приказната за Свештеникот и Ѓаволот:
"Здраво, ти дебел попе!, му рекол ѓаволот на свештеникот. Што те натера така да ги лажеш тие кутри, заблудени луѓе? Кои пеколни маки си им ги насликал? Зар не знаеш дека тие веќе ги страдаат пеколните маки уште во нивните земни животи? Зар не знаеш дека ти и државните власти сте мои претставници на Земјата? Вие им ги создавате пеколните маки со кои им се заканувате. Не знаеше? Тогаш дојди со мене!

            Ѓаволот го грабнал свештеникот за наметката, го кренал во воздухот и го одвел во фабрика, топилница за железо. Таму ги виделе работниците како трчаат и брзаат лево-десно, топејќи се на неподносливата жештина. Многу наскоро тешкиот, густ воздух и жештината му дошле премногу на свештеникот. Со солзи во очите тој го преколнал Ѓаволот: Пушти ме! Извади ме од овој пекол!
            О драг пријателе, имам уште многу места да ти покажам. Ѓаволот тогаш го одвел на некоја фарма. Таму виделе работници како наѓубруваат семе. Правот и жештината биле неподносливи. Надгледникот носел камшик, безмилосно употребувајќи го на секој што ќе паднел на земја совладан од тешката работа и од гладот.
            Наредно, свештеникот бил одведен во куќарките во кои истите тие работници живееле со своите семејства – валкани, студени, зачадени и смрдливи дупки.  
            Доволно ли ти е ова? – прашал Ѓаволот. И се чинело како дури и тој да ги сожалува луѓето. Побожниот свештеник едвај го издржувал сето тоа. Со кренати раце тој молел: Извади ме одовде. Да, да! Ова е пеколот на Земјата!
            Ете, значи, гледаш. А ти сепак им ветуваш и друг пекол. Ги измачуваш, ги претепуваш до смрт ментално, кога тие се се` освен мртви физички! Ајде! Ќе ти покажам уште еден пекол – најлошиот меѓу сите.
Го одвел во затвор и му покажал една зандана, со својот застојан воздух и со многуте човечки форми, ограбени од целото здравје и енергија, како лежат на подот, покриени со црвје кое им ги јаде нивните кутри, голи, осакатени тела.
Соблечи ги твоите свилени облеки, му рекол Ѓаволот на свештеникот, стави тешки окови на твоите зглобови, легни на студениот и валкан под, и тогаш зборувај им за пеколот кој допрва ги очекува!
Не, не, одговорил свештеникот, не можам да смислам ништо поужасно од ова. Те преколнувам, пушти ме одовде!
Да, ова е пеколот. Нема пострашен пекол од овој. Зар не знаеше дека овие мажи и жени кои ги преплашуваш со ужасни слики од задгробниот пекол, веќе го живеат пеколот овде, пред да умрат? "

            Ова беше напишано пред педесет години во мрачната Русија, на ѕидот во еден од најозлогласените затвори. Сепак, кој може да тврди дека истото не се однесува и на денешно време, дури и на американските затвори?

            Со сите наши многу фалени реформи, со големите социјални промени и нашите далекусежни откритија, човечките суштества сепак продолжуваат да бидат праќани во најлошите пеколи, каде се измачувани, излудувани, деградирани, за да може општеството да се "заштити" од фантомите кои самото ги создало.

            Затворот – социјална заштита? Кој монструозен ум ја зачнал таа идеја? Исто како да се каже дека здравјето може да се заштити преку ширење зарази.

            После осумнаесет месеци на терор во еден англиски затвор, Оскар Вајлд му го подари на светот своето најдобро дело, The Ballad of Reading Goal:

Најлошите зла, како отровно семе
Добро зреат на затворски воздух;
Само она кое добро е во Човек
Испарува овде и се губи.
Бледа Агонија тешки порти чува,
А надзорникот се вика Очај...

            Општеството продолжува да го одржува овој отровен изум, не сфаќајќи дека од него можат да произлезат единствено најотровните резултати.
            Денес трошиме 3,5 милиони долари дневно, или над една милијарда годишно, за одржување на затворските институции – и ова, внимавајте, во демократска земја - сума речиси еднаква на вредноста на произведеното жито, или на производството на јаглен. Проф. Бушнел од Вашингтон го проценува трошокот за затвори на 6 милијарди долари годишно, а д-р Г. Франк Лидсон, еминентен писател кој се занимава со криминалот, дава проценка од 5 милијарди долари годишно. Толкав нечуен трошок само за одржување огромни армии на човечки суштества заробени како диви ѕверки!
            Сепак криминалот е во пораст. Денес во Америка има четири пати повеќе криминал отколку што имаше пред 20 години.

Најужасниот факт е што најзастапениот криминал кај нас е убиството, не кражбата, измамата или силувањето, како на Југот. Лондон е пет пати поголем од Чикаго, па сепак таму годишно има околу дваесет убиства, додека во Чикаго дури 118 во просек. Ниту пак е Чикаго водечки град според криминалот, бидејќи е едвај седми на листата, која е предводена од четири јужначки градови, како и Сан Франциско и Лос Анџелес. Со таквата ужасна состојба на нештата, се чини смешно да се зборува за наводната заштита која општеството ја добива од постоењето на затвори.

Просечниот ум е бавен во прифаќањето на некоја вистина, но кога најтемелно организираната централизирана установа, одржувана на огромен национален трошок, ќе се покаже како социјален неуспех, и најнеукиот треба да се запраша за нејзиното право на постоење. Помина времето кога бевме задоволни со некоја социјална мерка само поради нејзината "божја правичност", или поради величеството на законот.


Широките затворски истражувања, агитација и едукација во последните неколку години се заклучен доказ дека луѓето учат да копаат длабоко во корените на општеството, се` до самите причини за огромното разидување меѓу социјалниот и индивидуалниот живот.

Зошто, тогаш, велам дека затворите се социјален злостор и социјален неуспех? За да најдеме одговор на ова витално прашање, мора да ги истражиме природата и причините за криминал, методите за справување со криминалот и ефектот кој овие методи го продуцираат за ослободување на општеството од клетвата и теророт на криминалот.

Најпрво, за природата на криминалот:
Хавелок Елис го дели криминалот на четири фази: политички криминал, криминал од пасија, криминал од лудило и повремен криминал. Тој вели дека политичкиот престапник е жртва на обидот на една повеќе или помалку деспотска влада да ја одржи својата стабилност. Таквиот криминалец не мора да е виновен исклучиво за асоцијален престап; тој, едноставно, се обидува да му напакости на еден политички режим кој и самиот може да биде анти-социјален. Оваа вистина е прифатена секаде низ светот, освен во Америка, каде сеуште преовладува смешното мислење дека во Демократија нема простор за политички осуденици. Сепак, Џон Браун беше политички престапник; исто беа и Чикашките анархисти; исто е и секој штрајкувач. Следствено, според Хавелок Елис, политичкиот чин кој се смета за престап во нашето време, може да е херој, маченик или светец на некое друго време. Ломбросо ги нарекува политичките престапници визионери на прогресивното движење на општеството.
"Криминалецот од пасија обично е човек со чесен живот, кој под стрес од некое големо, незаслужено зло самиот решил да ја истера правдата."

Хју К. Вер, во своето дело Заканата на Полицијата[1], го наведува случајот за Џим Флаерти, криминалец од пасија, кој, наместо да биде спасен од општеството, се претворил во пијаница и рецидивист[2], со уништено и сиромашно семејство како резултат.

      Уште попатетичен тип е Арчи, жртвата во книгата Кругот на рамнотежата[3] од Бранд Витлок, најголемото американско откривање на криминалот во создавање. Арчи, уште повеќе од Флаерти, бил доведен до криминал и смрт од страна на суровата нечовечност на неговото опкружување, како и од бескрупулозното демнење на законската машинерија. Арчи и Флаерти се само репрезенти на илјадниците, покажувајќи како легалните аспекти на криминалот, и методите за справување со него, помагаат во создавање на болеста која го поткопува целото наше општество.
            "Лудиот криминалец не може вистински да биде сметан за престапник, туку за дете, бидејќи ментално е во иста состојба како дете или животно."

             Законот веќе го дозволува тоа, но само во ретки случаи од очигледна природа, или кога џебот на обвинетиот му го дозволува луксузот на криминално лудило. Во последно време стана мода да се биде жртва на параноја. Но во целина, "суверенитетот на правдата"  продолжува да ги казнува ментално болните без никаква толеранција. Така г-дин Елис цитира од статистиките на д-р Рихтер дека во Германија 106 од 144 ментално неурамнотежени престапници биле осудени на строги казни.

            Повремените криминалци "ја претставуваат најголемата категорија во нашите затвори, и затоа се сметаат за најтешка закана за социјалната благосостојба."  Која е причината што една огромна армија од човечкото семејство се впушта во криминал, што го претпочита суровиот живот меѓу затворски ѕидови, наместо слободниот живот? Причината мора да лежи во некој железен господар, кој ги остава своите жртви без шанса за бегство, зошто инаку и најварварското човечко битие ја обожува слободата.  

            Не сакам да ги негирам биолошките, физиолошките и психолошките фактори во создавање на криминалот; но секој напреден криминолог ќе признае дека социјалните и екомонските влијанија се најотровните предизвикувачи на криминалот. Дури и да се земе предвид дека постојат вродени криминални тенденции, не може да се негира дека овие тенденции се хранат токму од социјалното опкружување.  

            Има тесна врска, вели Хавелок Елис, помеѓу криминал врз човекот и цената на алкохолот, помеѓу криминал врз сопственоста и цената на брашното. Тој ги цитира Кетеле[4] и Лакасањ[5]; првиот гледа на општеството како на предизвикувач на криминалот, а на престапниците гледа како на инструменти со кои општеството ги извршува злосторите. Вториот смета дека социјалното опкружување го култивира криминалитетот; дека престапникот е микроба, елемент кој стапува на дело само тогаш кога ќе наиде на социјален стимул кој ќе го оплоди; дека секое општество ги има криминалците кои ги заслужува.


             Ниту најпросперитетниот индустриски период не може да му овозможи на работникот да заработи доволно за да се одржи здрав и витален. И бидејќи просперитетот е, во најдобар случај, имагинарна состојба, илјадници луѓе константно остануваат невработени. Од Исток до Запад, од Север до Југ, оваа армија скитници трагаат по работа или храна, и најчесто завршуваат во сиромашните гета. Оние, пак, на кои им останала трошка самопочит, го одбираат отворениот отпор, го одбираат криминалот, наместо деградираната позиција на сиромаштијата.

            Едвард Карпентер проценува дека 5/6 од извршените престапи се однесуваат на некакво прекршување на сопственичките права; но сметам дека таа проценка е премногу ниска. Подлабока истрага би покажала дека 9 од 10 престапи се поврзани, директно или индиректно, со нашите социјални и економски зла, со нашиот систем на безмилосна експлоатација и грабежи.

            Цела колекција на криминална филозофија, која Хавелок Елис, Ломбросо и други еминентни луѓе ја составиле, покажува дека самиот престапник чувствува дека општеството го навело на престап. Еден крадец од Милано му рекол на Ломбросо: Јас не крадам, туку само ги земам од богатите нивните вишоци; покрај тоа, зарем адвокатите и трговците не крадат? Друг напишал: Затворен сум поради кражба на половина дузина јајца. Министрите кои пљачкаат милиони се почесни граѓани. Кутра Италијо!” Еден образован престапник му рекол на г-дин Давит: Општествените норми се така оформени за да бидат во служба на предавање на светското богатство во рацете на моќта, така одземајќи му ги правата и шансите на најголем дел од човечкиот род. Зошто да ме казнуваат поради тоа што сум одзел, на малтене сличен начин, од оние кои земале повеќе отколку што имале право да земат? Истиот маж додал: Религијата и` ја одзема независноста на душата; патриотизмот е глупаво обожување на светот, за кое мирот и благосостојбата на граѓаните многупати биле жртвувани од оние кои од тоа профитираат, додека законите на државите, ограничувајќи ги природните желби, им објавија војна на природните закони на човечките битија. Споредено со ова, крадењето е чесен чин.

            Навистина, има повеќе вистина во оваа филозофија, отколку во било кој законско-морален кодекс на општеството.
            Ако економските, политичките, моралните и физичките фактори го поттикнуваат злосторот, тогаш како општеството се справува со оваа ситуација?

            Методите за справување со криминалот несомнено подлегнаа на извесни промени, но главно во теоретска смисла. Во пракса, општеството се држи до примитивниот начин на справување со престапниците, а тоа е – одмаздата. Целиот концепт исто така ја има присвоено и теолошката идеја, имено, казната; додека легалните или цивилизирани методи се состојат од превенција преку терор, и од реформи. Понатаму ќе видиме дека сите овие методи несомнено доживеале неуспех и дека денес не сме поблиску до решение отколку што бевме во мрачните векови.

            Природниот импулс на примитивниот човек да нападне за возврат, да се одмазди за нанесено зло, е надминат. Наместо тоа, цивилизираниот човек, разоружан од храброст и смелост, делегира организирана машинерија да се одмаздува за злосторствата против него, со будалеста верба дека Државата оправдано треба да го прави она за кое тој повеќе нема храброст или конзистентност. Неговото височество Законот е рационално битие; тој не би подлегнал на примитивни инстинкти. Неговата мисија е од виша природа. Навистина, тој сеуште е заглавен во теолошката кал, која пропагира казна како средство за душевно прочистување, или материјална компензација за гревот. Но легално и во социјална смисла, законот предвидува казнување, не само како одмазда против престапникот, туку и поради застрашувачкиот ефект што го има врз другите луѓе.

            Која е вистинската основа на казната, сепак? Концептот за слободна волја, идејата дека човекот секогаш има слободен избор помеѓу доброто и злото; но ако го одбере второто, мора да ја плати цената. Иако ваквата теорија одамна испари во воздухот, властите продолжуваат да се повикуваат на неа, претварајќи ја во најбруталниот измачувач на човековиот живот. Причината поради која властите се држат до оваа теорија е еден уште посуров концепт, дека колку поголем терор шири казната, толку посигурен е ефектот на превенција.

            Општеството се користи со најдрастични методи при справувањето со социјалниот престапник. Зошто тие мерки не го спречуваат криминалот? Иако во Америка обвинетиот се смета за невин се` додека не се докаже за виновен, инструментите на законот, полицијата, продолжуваат да сеат терор, апсејќи без дискриминација, тепајќи, вознемирувајќи ги луѓето, користејќи варварски методи од трет степен, влечкајќи ги луѓето по станици. И сепак, криминалот рапидно расте, а општеството ја плаќа цената. Од друга страна, јавна тајна е дека кога несреќниот граѓанин ќе биде помилуван од законот и пикнат во најлошиот пекол во име на безбедноста, дури тогаш почнува неговата Голгота. Откинат од неговото човечко право на слобода, деградиран без волја или чувства, потполно зависен од милоста на неговите брутални чувари, тој секојдневно минува низ процес на дехуманизација, со кој во споредба дивјачката одмазда наликува на детска игра.

            Нема ниту една казнена институција во САД во која луѓето не се измачувани за бидат поправени, каде нивното реформирање не се одвива со помош на пендракот, на самицата и на диетата со изгладнување. Во овие институции, човековата волја се крши, неговата душа се деградира, неговиот дух се потчинува на монотонијата и рутината на затворскиот живот. Затворските ѕидини ретко допуштаат агоничните крици да допрат до надворешниот свет; ѕидините се дебели и го заробуваат секој шум. Дури и општеството да реши да ги поништи сите затвори одеднаш, уште долго ќе се плаши од овие соби на хоророт на дваесетиот век.

            Секоја година затворските порти му враќаат на светот човечка армија од деформирани, безволни, срушени скелети, со написот Каин на нивните чела, со нивните убиени соништа, со сите нивни природни капацитети задушени. Среќавајќи се единствено со глад и нечовечност, овие луѓе наскоро потонуваат назад во криминал, како единствен начин за егзистенција. Воопшто не е необично да сретнете мажи и жени кои ги поминале половина од своите животи во затвори. Знам една жена од островот Блеквел која завршила во затвор 38 пати. Преку еден пријател дознав за едно седумнаесет годишно момче, за кое тој се грижел во Питсбуршкиот затвор, кое никогаш не го дознало значењето на слободата. Од малолетнички дом до казнен затвор, таков бил животниот пат на ова момче, се` додека, физички скршено, не умрело како жртва на социјална одмазда. Овие лични искуства се поткрепени со обемна база на податоци кои зборуваат во прилог на комплетната бескорисност на затворите како средство за превенција од криминал.

            Добронамерните луѓе сега работат на една новина во прашањето за затворите – реставрирање, повторно враќање на можноста на затвореникот одново да стане човечко битие. Колку фино ова и да звучи, се плашам дека е невозможно да се чекаат добри резултати од истурање добро вино во мувлосано шише. Ништо помалку од комплетна реконструкција на општеството не може да го избави човекот од болеста на криминалот. Ако сепак се заостри тапиот раб на нашата социјална свест, казнените институции можеби би добиле ново руво. Но првиот чекор кој мора да се направи е реконструкција на социјалната  свест, која е во состојба на распаѓање. За жал, треба да се освестиме со фактот дека криминалот е прашање на степен, дека сите ние имаме, повеќе или помалку, затишен потенцијал да извршиме криминал, зависно од нашата ментална, физичка и социјална средина; и дека поединецот-криминалец е ништо друго освен рефлекс на тенденциите на колективот.

Eма Голдман, Анархизам и други есеи, 1917 година



[1] “The menace of the Police” – Hugh C. Weir
[2] Човек кој се навраќа на претходна шема на однесување, тенденција на навраќање кон криминални дејствија.
[3] “The turn of the Balance” – Brand Whitlock
[4] Quetelet
[5] Lacassagne

No comments:

Post a Comment